Еден ден пред главното гласање, своето избирачко право денеска го остваруваат 2162 затвореници, лица во домашен притвор, 8851 болни и немоќни лица и 442 жители на старски домови.
Најмногу затвореници гласаат во КПД Идризово – 938, потоа во Шуто Оризари – 391, Штип – 237 и Прилеп – 119. Болни и немоќни лица кои поднеле и добиле одобрение за гласање ќе бидат посетени од избирачките одбори во нивните домови, додека во старските домови гласаат 442 лица, бидејќи Домот „Арија“ е затворен, соопшти ДИК.
Утре, на 19 октомври, ќе се одржат осмите локални избори во земјава, на кои ќе се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Град Скопје.
Граѓаните ќе гласаат на 3474 избирачки места, а право на глас имаат 1.832.415 гласачи. Гласањето ќе трае од 7 до 19 часот, а изборниот молк е во сила до завршување на гласањето.