Бугарски европратеник со амандман ќе се обиде да го дефинира македонскиот идентитет и јазик како сегашен, а не како што е тоа наведено во извештајот на известителот за Македонија Томас Вајц како многувековен. Премиерот Мицкоски вели дека жали што пратениците од нашиот источен сосед настапуваат со ваква реторика, која го враќа времето на живковизмот. Тој додава дека Македонија нема да реагира со остра реторика, туку ќе биде изразено жалење и ќе се повика на добрососедски односи, како што тоа го прават европските земји.
„Но она што повеќе мене ме загрижува е обидот на еден европратеник кој што доаѓа од владејачката ГЕРБ да вметне амандман во кој што македонскиот идентитет ќе го дефинира како „present“ на англиски или сегашен, со што јасно ја вади на површина политика на живковизмот која што за жал е се уште жива кај политичарите во Софија.“, рече Мицкоски.

Мицкоски додава дека ваквото однесување на Софија го докажува фактот што за нив не се важни граѓаните на земјава кои велат дека се дел од бугарската заедница да бидат дел од Преамбулата, туку борбата за целосна асимилација. Тој со повик до европските дипломати.
„Јас ги повикувам политичарите во Брисел внимателно да слушаат какви пораки ќе доаѓаат од нивните колеги европратеници и какви пораки ќе доаѓаат од официјална Софија во 21 век и дали тоа има некаква врска со европските вредности. Суштината е асимилација, исто како што во пописот 56-та година во соседна Бугарија постојат скоро 200 илјади Македонци, а во пописот 65-та, едвај 9 илјади“, изјави Мицкоски.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче, пак, од младинската трибина во Струмица со порака за обединување и враќање на европската иднина на државата.
„Со вашата борба ќе ја вратиме Македонија таму каде што заслужуваме да бидеме, на европскиот пат, во европското семејство на народите. Многумина прашуваат што е бенефитот? Бенефитот е што тоа ќе биде признание за нашиот идентитет. Затоа што тоа ќе биде начин на кој што поквалитетно ќе се живее и затоа што влезот во Европа е конечно обединување на сите Македонци“, рече Филипче.

Бугарските пратеници со 194 гласа „За“ ја поддржаа резолуцијата за евроинтегративните процеси на Македонија со која Софија испраќа порака дека за Македонија нема да има план Б доколку не го почитува Договорот, а на Мицкоски му порачаа дека со ваквите ставови прашање е дали Македонија воопшто ќе може да го продолжи процесот. Во среда пак, пред европските пратеници известителот за земјава Томас Вајц ќе го презентира и Извештајот за земјава во кој се потенцира засебниот македонски идентитет и јазик.
