Предизвиците во здравството во 2021 година – пожарот во тетовската модуларна болница, незаборавна трагедија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

2022 година, а Македонија повторно води битка против коронавирус. Властите бараат начин како да ги убедат граѓаните да се вакцинираат во што поголем број.
Но, да се вратиме една година назад и да направиме ретроспектива каква беше состојбата тогаш. 

Во јануари 2021 се бараше решение преку вакцинација против Ковид-19. Владата го изготви Планот за имунизација. Во земјава пристигнаа и два фрижидера со капацитет за 100 илјади вакцини. Фрижидерите беа празни, бидејќи вакцините сѐ уште ги немаше….

Многу ветувања за обезбедување анти-ковид вакцини. Поголемиот број граѓани ја чекаа со нетрпение, а кај некои пак преовладуваше стравот и беа скептични околу нејзиниот состав.

Кон средината на февруари почна процесот на вакцинација, со дозите од производителот Фајзер, кои ни ги донираше Србија. На 17 февруари лекарката во пензија, Габриела Темелкова, беше прва која ја прими вакцината.

Во март вирусот го достигна пикот. Ковид-случаите и бројот на жртвите беа во пораст, а од почетокот на пандемијата битката со вирусот го имаа загубено околу 3.500 граѓани. Министерот за здравство, Венко Филипче по предлог на Комисијата за заразни болести воведе полициски час на целата територија на земјата, кој траеше од 22 до 5 часот наутро.

Во април почна масовната вакцинација низ спортските сали. Опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ неколкупати протестираше пред зградата на Министерството за здравство, барајќи оставка од ресорниот министер.

Од друга страна, тимот од Клиниката на кардиохирургија успешно ја изврши и втората трансплантација на срцето.  (17.04.2021).
Во мај  35 деца од 2 до 4 години со исти симптоми побараа лекарска помош во кумановската болница. Беа затруени со храна во градинка.
Во мај, исто така МЗ склучи договор со приватните специјализанти – за време на нивната специјализација да им се плаќа здравствено осигурување и дежурствата.

Кон крајот на мај беа ублажени анти-ковид мерките – беше укината обврската за носење маски на отворено и беше дозволено организирање свадби и прослави на отворено.
Во јуни  беше регистриран првиот случај на индискиот сој.
Во јули над 10 илјади граѓани се вакцинираа во Србија.

Веќе во август вакцинацијата стана задолжителна за влез во угостителски објекти и трговски центри.  

Од 1 септември  за влез и излез од Македонија беа поставени услови – приложување сертификат за вакцинација, ПЦР или антиген тест, или потврда за прележан вирус.

Бројот на позитивни случаи се намалува, но не и бројот на жртвите. На истиот датум, како последица на коронавирус почина 15-годишно девојче, а само ден подоцна, од Тетовската болница пристигна вест дека од едно семејство починале три члена, двајца родители и нивната ќерка.

Истиот месец се случи и трагедијата во Тетово. Пожарот кој избувна во модуларната болница со себе однесе 14 животи.

Во октомври беше спроведен скрининг на учениците. Први беа тестирани учениците од Средното училиште „Зеф Љуш Марку“ и Средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ (20.10.21).

Во последните два месеца (ноември и декември) беше забележан пад на интересот за вакцинација. Во нашата земја се појави првиот случај на сојот омикрон, меѓутоа поради тоа што здравствените власти сметаа дека ситуацијата е мирна, не воведоа дополнителни рестриктивни мерки.

На 26 декември, на Клиниката за пулмологија во Скопје, пациент кој се третираше со кислородна поддршка, ја извадил маската и запалил цигара. Во собата избувна пожар, а пациентот се здоби со лесни изгореници на лице и гради.

Во декември исто така се дозна дека на местото на Филипче ќе дојде Беким Сали од Алтернатива.

Фокус на целиот свет во 2021 година беа случувањата околу вирусот, а мерките за ставање под контрола на пандемијата станаа главна агенда во сите земји.