Предлог-резолуција за правосудниот испит на албански, судир власт – опозиција за тоа кој е виновен!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во име на студентите, група пратеници изготвија предлог-резолуција со која се бара правосудниот испит да се полага и на албански јазик.

20-те потписи се од опозициски пратеници – од Европскиот фронт, од Алијанса за Албанците, од пратеникот од турската заедница Бејџан Илјас и Фатмир Битиќи од СДСМ. Текстот е доставен до Собранието за пратениците да го разгледаат и, според нивната проценка, да го поддржат.

„Предлог-резолуцијата е едноставна по содржина и по цел: таа бара спроведување на Уставот и на Законот за употреба на јазиците, и преку нив овозможување полагање на правосудниот испит и на албански јазик. Истата ја потпишаа сите албански опозициски пратеници, а очекуваме и бараме да ѝ се придружат и пратениците од владејачкото мнозинство, како и пратениците од сите партии и етнички заедници во парламентот“, порача Мевлан Адеми.

(да се вметнат снимки од Мицкоски од терен, не од емисијата… од емисијата да се користи само делот од изјавата, бидејќи има реклами во позадина! Да се заматат рекламите, но не и логото на емисијата)

Прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик повторно ги отвори политичките судири меѓу власта и опозицијата. Ова доаѓа откако синоќа премиерот Христијан Мицкоски во интервју на „Ора 24“ изјави дека Владата нема проблем со употребата на јазиците, но нагласи дека во врска со барањата правосудниот испит да се полага на албански треба да се земе предвид мислењето на Венецијанската комисија, која бара напуштање на двојазичноста во судскиот систем, но и внимателно разгледување на видовите правни акти. Зошто ситуацијата е ваква, Мицкоски вината ја гледа кај оние што го усвоиле Законот за јазиците и ги измамиле Албанците.

„Ова е наследен проблем од истите тие кои 20 години беа во Владата и не успеаја да најдат начин како да го решат.“, вели Христијан Мицкоски.

На ова реагираше ДУИ, која беше дел од власта кога беше усвоен Законот за употреба на јазиците. Според интегративците, изјавата на Мицкоски е обид да се избегне одговорноста за неспроведување на право што директно произлегува од Уставот и Законот за употреба на јазиците.

„Албанскиот јазик е службен јазик во Северна Македонија. Ова не е политичка интерпретација, туку уставна и законска реалност што мора да ја почитува секоја државна институција. Законот за употреба на јазиците беше усвоен за да ја гарантира јазичната еднаквост и да го зајакне мултиетничкиот карактер на државата. Обидите овој закон да се прикаже како „проблем“ или одговорноста да се префрли на други не ѝ служат ниту на вистината, ниту на институционалната стабилност на земјата.“, велат од ДУИ.

Од ДУИ додаваат дека Владата има обврска да го спроведува законот, а не да го релативизира преку политички оправдувања, и дека секое одложување или попречување на остварувањето на ова право, според нив, претставува чекор назад за еднаквоста и демократските стандарди на државата.