Денеска Собранието треба да ја почне 30-тата седница, на чиј дневен ред се 50-тина предлог-закони за изменување и дополнување на постојни закони, како и интерпелацијата за работата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, поднесена од опозицијата.
Седницата првично беше закажана за 18. јануари, но тогаш не беше утврден дневниот ред, поради тоа што власта немаше кворум за гласање, бидејќи еден пратеник од владеачкото мнозинство беше позитивен на коронавирус, а за друг се чекаа резултати.
Опозицијата тогаш не присуствуваше на седницата, а владејачкото мнозинство таквото однесување го оцени како недржавничко, особено, како што рекоа, што на оваа седница, меѓу другите, се измени на Законот за лекови, поврзани со вакцинацијата против КОВИД-19. На ова реагираше координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој истакна дека неприсуството на опозицијата на седницата е резултат на, како што рече, недемократското однесување на мнозинството во Парламентот.
„Се додека не го смените начинот и односот со опозицијата, се додека законските решенија не се ставаат на матичните комисии каде треба и се додека избегнувате демократска дебата“, нагласи Мицевски, ќе наидувате на отпор согласно алатките што ни стојат на располагање.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери по дискусиите на Мицевски и Митрески ја прекина седницата со образложение дека нема деловнички можности за работа. Во врска со отсуството на опозицијата Џафери рече дека тоа што пратениците одбиваат да влезат на седница, иако се потпишани, е нивно легитимно право.
