Картелот на мрежата на маркети на чело со Трговска комора при Сојузот на стопански комори се очекува да биде казнет со десетици милиони евра. По ненајавената контрола што ја направи Комисијата за заштита од конкуренција во маркетите Веро, Тинекс, Кам и Рептил, утврдено е дека е прекршен Член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата, кој ги забранува картелите и координираните договори на претпријатијата. Граѓаните велат дека се ограбени од овие маркети со тоа што држеа високи цени.
Експертите на областа сметаат дека организацијата на картели е многу штетна, не само за крајните потрошувачи, туку и за економијата на земјата. Универзитетскиот професор Гадаф Реџепи вели дека манипулацијата со цените преку создавање картел претставува многу поголем ризик од монополот на пазарот.
„Кога станува збор за картел, за основните прехранбени производи каде што се засегнати најголем дел од граѓаните, речиси сите жители, апсолутно тоа може да биде многу штетно затоа што во Македонија голем дел од буџетот на граѓаните се троши за прехранбени производи. Исто така, инфлацијата е индивидуална во смисла дека во некои семејства кои имаат многу високи приходи, инфлацијата може да биде многу ниска затоа што делот што се користи за прехранбени производи е мал. Додека кај повеќето кај нас се ориентирани на прехранбени производи, 20% од популацијата ги користи 80% од своите приходи за купување на храна“, вели Гадаф Реџепи.
Според Член 59 од истиот закон се предвидуваат казни од 10% од вредноста на вкупните годишни приходи. За да биде појасно за какви суми станува збор, ако се земат предвид приходите од 2023 година, а не од 2024 година, бидејќи сè уште нема официјални завршни сметки, казните би биле во милиони. Според пресметките, ако Комисијата одлучи да ги казни овие четири маркети, ВЕРО ќе треба да плати казна од 10.26 милиони евра, КАМ 26.88 милиони евра и Тинекс 9.83 милиони евра.
„Контролираните субјекти спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата донеле забранета одлука односно се договориле дека ќе делуваат усогласено и нема да набавуваат стоки од добавувачи кои ќе достават нови ценовници за нивните производи, поради што е поведена прекршочна постапка. Комисијата за заштита на конкуренцијата интензивно ќе превземе најригорозни мерки и санкции на секое нарушување на конкуренцијата на пазарот и нема да дозволи никакво изигрување на законите на штета на граѓаните“, велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Комисијата утврди дека Трговската комора при Сојузот на стопански комори е учесник во забранетиот договор. Според заклучокот, лица од Комората ја измамиле Комисијата и ги сокриле овие информации. Комисијата предупредува дека ќе преземе најстроги мерки и санкции за секоја деформација на конкуренцијата на пазарот и нема да дозволи никакво заобиколување на законите на штета на граѓаните.