Премиерот на Австралија планира наскоро да распише избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот на Австралија, Ентони Албанезе, денеска изјави дека планира „наскоро“ да распише избори.

Мандатот на трите години владеење значи дека Австралија мора да одржи избори најдоцна до 17 мај, а анкетите покажуваат неизвесна трка во која опозициската Либерално-национална коалиција има мала предност пред владејачката Лабуристичка партија, пренесе Ројтерс.

„Изборите ќе бидат во мај, тоа можам да ви го гарантирам. И ќе бидат распишани многу наскоро“, изјави Албанезе за радио-станицата „Трипл М“.

Локалните медиуми, повикувајќи се на неименувани извори, наведуваат дека Албанезе утре ќе го посети генералниот гувернер во Канбера за формално распишување на изборите, а националното гласање ќе се одржи на 3 мај.

Владата во вторникот претстави нов пакет даночни олеснувања во вредност од 10,7 милијарди американски долари, кој предвидува намалување на даноците за просечните работници за 268 австралиски долари во фискалната 2027 година и 536 долари во наредната година.

Законот беше усвоен вчера наутро во Претставничкиот дом, а доцна навечер и во Сенатот, каде што Лабуристите немаат мнозинство, со поддршка на Зелената партија и независни пратеници, пренесува Танјуг.

Опозициската коалиција најави дека ќе го укине законот доколку победи на изборите, заменувајќи го со план за намалување на акцизата на гориво на една година.

Лидерот на опозицијата, Питер Датон, оцени дека таквата мерка би донела „вистинско и моментално олеснување“ за домаќинствата, заштедувајќи им околу 470 долари годишно.

Министерот за финансии на Австралија, Џим Чалмерс, го критикуваше планот на опозицијата, тврдејќи дека Австралијците на долг рок би биле во полоша позиција.

„Оваа одлука ќе ги прогонува секој ден за време на изборната кампања“, изјави Чалмерс за новинарите.