Премиерот очекува доблест и оставки, правниците укажуваат на можна нефункционалност на Судскиот совет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски не открива какви механизми ќе преземе власта ако интерпелацијата за петтемина членови на Судскиот совет биде усвоена во Собранието, а тие не ги напуштат своите позиции. Согласно роковите, исходот ќе биде познат до крајот на месецов.

„Тие можат да речат „не си поднесуваме оставка, ќе тераме додека не ни завршат мандатите“, што се надевам дека нема да се случи и мислам дека ќе бидат доблесни доколку се изгласа интерпелацијата, односно доколку заклучокот на пратениците е да има промени таму, да тие си заминат.“, рече Мицкоски.

Од друга страна, постои и дилема како ќе се изберат новите членови, ако актуелните од кои власта бара оставка ги напуштат функциите – зашто за неколку месеци се очекува да биде поднесен нов Закон за судски совет кој предвидува построги критериуми за избор.

„Новите членови ќе се бираат според законот што во тој момент е во сила.“, рече Мицкоски.

Дел од правните познавачи, сметаат дека поднесената интерпелација и изјавите на премиерот претставувале влијание врз судската власт. Според адвокатот Асмир Алиспахиќ, можно е да се создаде правна криза до изборот на нови членови и практично Судскиот совет да биде нефункционален.

„Овде директен притисок се прави кон Судскиот совет, а тоа значи индиректно и врз судството. Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, за којшто сметам дека е во право, изјави дека разрешувањето при евентуална субјективна одговорност на членовите на Судски совет е во Судскиот совет.“, рече Алиспахиќ.

Од страна на Собранието, во Советот се назначени Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Татјана Чачарова Илиевска. Досега никој од нив во јавноста нема кажано дали евентуално ќе си поднесе оставка. Интерпелацијата беше поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ и се очекува да биде успешна, зашто потребни се 61 глас „за“.