Целосен карантин е следната мерка која ќе се воведе доколку граѓаните не ги почитуваат мерките, најави министерот Филипче. Иако за сега сме далеку од ваквото сценарио, тој верува дека овој пакет на мерки, зголемувањето на ингеренциите на инспекторатите и апелот до граѓаните да се придржуваат до мерките, ќе даде позитивен резултат. Според него, не се исклучува можноста и за повторно затворање на градинките и училиштата.
„Следниот чекор е целосен карантин, или целосно затварање. Ние сме сега се уште далеку од тоа сценарио, но тоа ќе биде следниот чекор. Ги исцрпуваме можностите, има и можност да се интервенира во јавниот превоз или во скратување на работното време во некои економски компании и угостителски објекти, но тоа се опциите. Сакаме да го избегнеме тоа. Добро се димензионирани мерките ако се почитуваат, на тој начин ќе го избегнеме карантинот, ограничувањето на движењето, ама сите ни требаат во овој систем, особено граѓаните“, рече Филипче.
Со оглед на тоа дека во последните денови драстично е зголемен бројот на новодијагностицирани , со тенденција тој број да расте во престојниот есенски период , Филипче кажа дека до Инфективната клиника е подготвена и модуларната болница за која има и кадар, подготвен да ја менаџира работата.
„Се пополнува капацитетот во сите инфективни оделенија, не така брзо во Скопје, меѓутоа насекаде во државата. Во текот на вчерашниот ден немаше слободни места во Куманово, во Струмица, во Велес и тие пациенти беа препраќани во Скопје. Пет пациенти се примени во „8 Септември”, 13 на Инфективната клиника. Таму има слободни уште десетина места и ја спремаме модуларната болница со цел да се намали притисокот кон болницата „8 Септември” за да може другите пациенти да добиваат здравствена услуга. Може да се менаџираат болниците, имаме слободни кревети на Инфективната клиника, но целта е овој растечки тренд да го забавиме.“, вели Филипче.
За само три дена речиси 1000 ново инфицирани, а само минатата недела биле регистрирани вкупно 1.175 нови случаи на Ковид-19. Овој драстичен раст на бројката ја натера и Комисијата за заразни болести да предложи нови рестриктивни мерки, како што се задолижетно носење маски на отворено, забрането групирање на јавен простор повеќе од четири лица, во стан или куќа не може да бидат примени повеќе од четири госити, а се забрануваат и поголеми семејни собирања и прослави. За овие мерки се очекува владата да расправа на следната седница, а истите отворија сериозна дебата во јавноста .Опозициската ВМРО дпмне побара оставка од министерот Филипче, бидејќи тешко се справува со Ковид кризата.
