Претепан секретар на бугарски клуб во Охрид – Османи со остра реакција, бугарското МНР со протестна нота

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Доцна синоќа во Охрид од три лица бил претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ Христијан Пендиков по што тој завршил во болница. Според Министерството за внатрешни работи инцидентот започнал во угостителски објект во центарот на градот, а потоа продолжил и надвор од него. Полицијата веќе ги идентификувала тројцата напаѓачи.

„Во угостителски објект лоциран на кеј „Македонија“ во Охрид, а потоа и надвор од објектот, Х.П физички бил нападнат од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид и  притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид. Известен е јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава“, велат од МВР.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи остро го осуди претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид Христијан Пендиков и најави дека тој лично ќе оди да го посети во болница. Заради овој инцидент вели е во постојана комуникација со бугарските власти.

„Јас од вчера се занимавам со ова прашање и сум во комуникација со сите институции. Утринава имав можност да имам телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Република Бугарија. Сакам оваа можност да ја искористам и остро да го осудам овој напад и да побарам институциите да ги преземат сите мерки за одговорност на лицата кои извршиле физички напад поради етнички, културен идентитет на кој било државјанин на Република Северна Македонија“, додава Бујар Османи.

Од бугарското МНР најавија дека ќе ја повикаат македонската амбасадорка во Софија Агнеза Руси за да и врачат протестна нота поради инцидентот.

„Властите во Република Северна Македонија треба да преземат итни и ефективни мерки за борба против злосторствата од омраза кон Бугарите. Бугарската држава со месеци упорно го истакнуваше своето очекување властите во Северна Македонија да преземат итни и ефективни мерки против сериозната ескалација на злосторствата од омраза и манифестации против Бугарите во земјата“, велат од бугарското МНР.

Во јавноста ваквиот инцидент се смета како реакција на постојаните провокации од претседателот на бугарската политичка партија Преродба Костадин Костадинов и особено последната случка во кој бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски во центарот на Скопје говореше дека Македонија е бугарска. Османи за овој случај поднесе протестна нота, но не смета дека е потребно да се прогласи персона нон грата бидејќи вели не сака да се занимава со маргинални ликови кои со ова сакаат да се самопромовираат.