Претреси кај апелацискиот судија Ѓоко Ристов

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во текот на попладневните часови, полициски екипи влегоа на локации поврзани со судијата Ѓоко Ристов од Апелациониот суд во Скопје. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција потврди дека се спроведуваат претреси по наредба на јавен обвинител и со дозвола од Основниот кривичен суд Скопје.

Неофицијално, предметот отвора сомнежи дека е сторена злоупотреба на судиска функција. Конкретната правна квалификација засега не се соопштува, бидејќи претресите сѐ уште траат. Според изворите, станува збор за претрес во домот на судијата.

Името на Ристов претходно беше споменувано во контекст на случајот со Фехми Стафа, поранешен народен правобранител кој е во притвор под сомнение дека примил 50.000 евра мито. Неофицијални информации упатуваат дека претресите кај Ристов произлегуваат токму од тој предмет.

Според Обвинителството, Стафа во периодот од октомври до 13 декември примил 50.000 евра за да посредува и влијае врз судија во Апелација во врска со предмет што се однесувал на негов клиент. По примањето на парите, Стафа бил уапсен, а кај него биле пронајдени и одземени банкнотите.

Лицето за кое, според обвинителските наводи, Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор е Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, осомничен во случајот „Синџир“.

Од Обвинителството информираат дека по завршувањето на претресите ќе следуваат официјални детали за понатамошниот тек на постапката.