Принцот Ендру се откажа од сите кралски титули

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Принцот Ендру, помладиот брат на британскиот крал Чарлс III, објави дека се откажува од сите свои титули и почести, вклучително и онаа на војвода од Јорк, со непосреден ефект. Овој потег следеше по зголемениот притисок врз принцот поради новите извештаи за неговата поврзаност со осудениот педофил Џефри Епштајн и наводен кинески шпион, пишува Скај њуз.

Сепак, Ендру сепак ќе остане принц, со оглед на тоа што ја стекнал таа титула по раѓање како син на кралицата Елизабета II. Се дознава дека неговата поранешна сопруга, Сара Фергусон, повеќе нема да ја користи својата титула војвотка од Јорк.

Во официјална изјава, принцот Ендру ја објасни својата одлука: „Во разговор со кралот и моето непосредно и пошироко семејство, заклучивме дека тековните обвинувања против мене го одвлекуваат вниманието од работата на Неговото Височество и кралското семејство“.

„Одлучив, како и секогаш, да ја ставам мојата должност кон семејството и земјата на прво место. Стојам зад мојата одлука од пред пет години да се повлечам од јавниот живот“, додаде тој.

„Со согласност на Неговото Височество, сметаме дека сега морам да направам чекор понатаму. Затоа повеќе нема да ја користам мојата титула или почестите што ми се доделени. Како што реков, силно ги негирам обвинувањата против мене.“

Одлуката е донесена во тесна консултација со кралот, за кој се смета дека е задоволен од исходот. Дописничката на „Скај њуз“, Ријанон Милс, ја коментираше ситуацијата: „Ова е доста извонреден потег. Мислам дека покажува дека работите всушност отишле предалеку.“

„Принцот Ендру и обвинувањата за него и Вирџинија Џуфре, продолжија да бидат премногу одвлекување на вниманието на кралското семејство“, заклучи Милс.

„Принцот Ендру веќе ја изгуби својата улога како член на кралското семејство, како и своите воени титули и позиција на речиси сите јавни настани поврзани со кралското семејство. Но, сега исчезнуваат и титулите на кои беше толку горд: Војводата од Јорк и Орденот на Жартиерата.

Помпезноста и церемонијата на кралскиот живот му беа важни. Неговите титули му даваа огромно чувство на лична гордост. Но, обвинувањата продолжуваа да доаѓаат. Тоа беше бесконечно одвлекување на вниманието, одвлекување на вниманието од работата на другите членови на кралското семејство. Тој претрпе најголемо понижување“, напиша Би-Би-Си во својот коментар за оваа одлука.