Продолжен притворот на обвинетите за падот на настрешницата во Нови Сад

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вишиот суд во Нови Сад го продолжи куќниот и затворскиот притвор за обвинетите за падот на настрешницата на новосадската Железничка станица, беше потврдено за Радио Слободна Европа од тој суд.

Судот го продолжи затворскиот притвор за уште 30 дена за десетмина обвинети, додека на поранешната директорка на јавното претпријатие „Инфраструктура на железниците на Србија“, Јелена Танасковиќ, и поранешната помошничка на министерот за градежништво, Анита Димоски, им е продолжена мерката забрана за напуштање на станот за три месеци.

Поранешниот министер за градежништво, Горан Весиќ, се брани од слобода, бидејќи судот ја усвои жалбата на неговиот бранител и по неколку дена му го укина притворот.

Обвинението против 13 лица беше подигнато на крајот на 2024 година под сомнение дека извршиле тешко кривично дело против општата безбедност.

При падот на бетонската настрешница на реконструираната Железничка станица во Нови Сад, на 1 ноември 2024 година, загинаа 16 лица, а едно беше тешко повредено.

По несреќата следеше бран протести и блокади низ цела Србија.

Протестите ги предводат студентите, кои бараат одговорност од властите за несреќата.

Тие бараат објавување на целокупната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, како и процесуирање на одговорните за нападите врз студентите во блокадите, граѓаните и активистите за време на протестите и оддавањето почит на загинатите при падот на настрешницата.

Властите, предводени од Српската напредна партија и претседателот на државата Александар Вучиќ, ги осудуваат протестите и тврдат дека сите барања на студентите се исполнети.

Новосадското Више јавно обвинителство на 3 февруари соопшти дека врши проверки дали имало корупција за време на реконструкцијата на Железничката станица.

Европското јавно обвинителство (EPPO) потврди средината на март за Радио Слободна Европа дека спроведува истрага за можно злоупотреба на средствата на Европската Унија во врска со реконструкцијата на новосадската Железничка станица.