Продолжен рокот за избор на нов мрежен оператор по барање на единствениот понудувач

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) одлучи да ги продолжи роковите од тендерската документација за избор на трет мрежен оператор во земјата за 96 дена, на барање на единствениот понудувач, компанијата „Оне Македонија телекомуникации“ (унгарски: „Four-A-G“). Со тоа, краен рок за донесување одлука за избор на најповолен понудувач е 12 јануари 2026 година, додека за доделување на одобрение за користење на радиофреквенции е определен 25 февруари 2026 година.

Од АЕК посочуваат дека одлуката е донесена на 21 ноември 2025 година, врз основа на член 24 став 1 алинеја 5 од Законот за електронските комуникации и член 44 став 3 од Законот за општата управна постапка. Продолжувањето на роковите е согласно барањето поднесено од „Оне Македонија Телекомуникации“ на 20 ноември годинава, како и Одлуката за распишување на јавен тендер за радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz.

По отворањето на понудите на 22 август 2025 година, Комисијата за спроведување на тендерот утврди дека документите ги исполнуваат сите услови. Меѓутоа, поради локалните избори што се одржаа во октомври, конечната одлука за избор на најповолниот понудувач беше одложена.

„Во поднесеното барање за продолжување на роковите, компанијата се повикува на прекин на постапката поради изборниот процес, во период од 96 дена, од 9 август до 12 ноември 2025 година. Согласно законската регулатива, роковите можат да се продолжат ако постојат оправдани причини“, појаснуваат од АЕК.

Продолжувањето на роковите значи дека, наместо 8 октомври 2025 година, рокот за донесување одлука се поместува до 12 јануари 2026 година, додека рокот за доделување на одобрение за радиофреквенции се одлага до 25 февруари 2026 година.

Против оваа одлука е дозволена тужба до Управниот суд во рок од 30 дена.

На македонскиот пазар на електронски комуникации досега работат мрежните оператори Македонски Телеком АД Скопје, А1 Македонија ДООЕЛ Скопје, како и виртуелните оператори Лајкамобајл ДООЕЛ Скопје, МТЕЛ ДООЕЛ Скопје, РОБИ ДООЕЛ Штип и Греен Телекомуникации ДОО Прилеп.