Нефункционирањето на Стоматолошката комора во изминатите три месеци доведе до тоа стотици штотуку дипломирани стоматолози и оние со истечени лиценци да останат заглавени во бирократски лавиринти без да можат да добијат лиценци.
Тоа се жалбите на самите стоматолози, кои велат дека од преземањето на надлежностите од страна на Министерството за здравство до формирањето на новите органи, биле стопирани симпозиумите на кои се добиваат неопходните поени за продолжување на активните лиценци. Во саботата, на симпозиумот организиран од Здружението на специјалисти по превентивна и детска стоматологија, 68 стоматолози кои претходно платиле не беа примени, бидејќи им било одбиено издавањето баркодови.
„Тој симпозиум ни беше одобрен многу доцна од новиот Комитет именуван во рамките на Министерството, бидејќи знаете за несогласувањата меѓу поранешното раководство на Комората и Министерството. Новиот комитет работи според правилникот од 2017 година, кога бројот на учесници беше ограничен на 300 лица, и затоа бевме принудени да го ограничиме бројот, иако имавме 368 пријавени со уплата. Одговорот го добивме многу доцна, во петокот попладне, кога ни рекоа дека не смееме да примиме повеќе од 300 лица, бидејќи се водат според стариот правилник.“, вели Александар Димков.
Од Министерството за здравство за ТВ21 изјавија дека настанот е организиран во согласност со практиката и критериумите на Бордот за акредитација, според кои бројот на учесници е ограничен на 300, со цел да се обезбеди квалитетна интерактивна едукација и соодветни услови за следење на програмата. Министерството најави дека до крајот на годината ќе се организираат уште неколку вакви настани, за да се обезбеди континуитет во издавањето и обновувањето на лиценците.
„Собранието на Стоматолошката комора, односно делегатите, ја преземаат понатамошната постапка и го обезбедуваат континуитетот во функционирањето на Комората. Во меѓувреме, комисиите во рамките на Министерството за здравство постојано работат на непречено издавање и обновување на лиценците и овозможување на континуиран професионален развој.“, велат од МЗ.
Во почетокот на август, министерот Алиу ги презеде сите надлежности од Стоматолошката комора, образложувајќи дека контролите во нивните документи откриле сериозни неправилности, бидејќи договорите со здруженијата блиски до поранешниот претседател на Комората, Марјан Денковски, биле склучувани ретроактивно и спротивно на законот.
Од овој понеделник, надлежностите на Стоматолошката комора се префрлени на в.д. претседателот Благоја Даштевски, а до крајот на годината се очекува да се организираат најмалку уште два симпозиума. Инаку, обуките, семинарите и симпозиумите се задолжителни за стоматолозите за да соберат 20 поени потребни за продолжување на лиценците.
Во Македонија има вкупно 2.580 стоматолози.
