Продолжува одолговлекувањето на случајот „Алфа“, судијата заразен со Ковид не се знае кога се враќа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Судијата кој требаше да го проследи случајот „Алфа“ до Бирото за судски вештачења е заразен со Ковид-19, дознава ТВ21 од извори во Кривичен суд. Не се знае дали судијата ќе биде заменет со некој друг колега, но од Судот велат дека во прашање се денови кога вештачењето ќе биде доставено за мислење до Бирото за судски вештачења.


-Предметот в понеделник и формално стигна во Кривичен суд, но судијата кој требаше да постапи по предметот во моментов не е на работа, бидејќи излезе позитивен на Ковид-19. Не се знае кога ќе се врати на работа, но сето ова е прашање на време, вели извор од Кривичен суд.

Дека предметот сѐ уште нема пристигнато до Бирото за судски вештачења потврдува и одговорот кој им бил испратен на семејствата во случајот „Алфа“. Од Бирото им рекле дека начинот на кој ќе постапат ќе зависи од конкретните барања на Кривичен.


-Бирото за судски вештачења во рамките на своите надлежности изготвува вештачења-стручен наод и мислење врз основа на примена на научни и стручни методи, технички достигнувања, стручни знаења и искуства, како и супервештачења-вештачење од повисок степен. Како ќе постапи Бирото за судски вештачења доколку Основниот кривичен суд Скопје достави Барање или друг допис во врска со погоре наведениот предмет, ќе зависи од самото барање, односно од конкретните барања што надлежниот суд ќе ги упати до Бирото.

Вештачењето за случајот „Алфа“ е изготвено од Центарот за форензички истражувања во Србија. Во извештајот пишува дека двајцата осудени Агим Ислами и Реџаиљ Ќерими не се сторители на кривичното дело. Се нотира дека примероците од Агим Исмаили не се совпаѓаат со ниту еден материјален доказ земен како доказ од судот, а ДНК на Реџаиљ Ќерими е земен спротивно на законот. Убиството на полицаецот Албанец се случи на 26 ноември 2008 година. Со него беа повредени и двајца други полицајци Саше Петровски и Едвард Алексовски. Во 2010 година судот ги осуди Реџаиљ Ќерими, Агим Ислами на доживотен затвор, додека Алмир Дрпљанин беше осуден во отсуство. Рамадан Шаќири е осуден на 9 години затвор за логистика.