Продолжува судирот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за Преспанскиот договор, идентитетот и уставните измени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ и денеска разменуваат меѓусебни обвинувања околу ставовите за Преспанскиот договор, националниот идентитет и надворешната политика на државата.

Од СДСМ соопштија дека, како што велат, претставници на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати признале дека клучни меѓународни договори и институции се значајни за државата. Тие посочуваат дека Преспанскиот договор, НАТО и прашањата поврзани со јазикот и идентитетот биле предмет на различни изјави од актуелни државни и владини функционери во минатото и сега, и побараа од нив извинување. „Призна Мицкоски, призна Муцунски, призна Гордана Сиљановска – сега е ред да се извинат на народот за сите лаги“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од СДСМ оценуваат дека со тоа, како што велат, се потврдуваат нивните претходни ставови за важноста на овие процеси и договори, додавајќи дека јавноста била изложена на години политички кампањи со спротивни пораки. Од таму порачаа дека е потребна политичка одговорност и фокус на реформи и европска интеграција.

„Време е за одговорност и извинување кон граѓаните за сите дезинформации и стравови што биле ширени во минатото“, наведуваат од СДСМ.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение остро реагираат на ставовите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека води политики спротивни на државните интереси и дека прави отстапки во однос на националниот идентитет.

Од партијата наведуваат дека Филипче продолжува политиките на поранешниот премиер Зоран Заев и го обвинуваат за поддршка на, како што велат, „бугарскиот ултиматум“ и за недоволно реагирање на изјави од странски функционери, посочувајќи го како пример последниот случај со бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова – Чамова.

„Нема никаков проблем за СДСM и Венко Филипче да бидеме нарекувани како „северномакедонци“, која е неточна, непостоечка и навредлива кованица, која за нас Македонците ја користат тие што сакаат да не навредат и негираат. Оваа придавка доаѓа по еден од најголемите дипломатски дебакли на тогашната власт на СДС под Зоран Заев кому Филипче му беше министер, и тоа е капитулантскиот Преспански договор“, се вели во соопштението на владејачката партија.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ваквите настапи се штетни за државните интереси и го повикуваат Филипче јавно да објасни, како што велат, на што се должат неговите политички ставови.

Со тоа, двете најголеми политички партии продолжуваат со меѓусебни обвинувања околу клучните државни прашања поврзани со идентитетот, меѓународните договори и европскиот пат на земјата.