Продолжува судењето за „Пулс“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, денеска продолжува во судницата во Казнено-поправниот дом Идризово. Според најавите, рочиштето треба да продолжи со изнесување вина и воведни говори на одбраната, откако обвинителството на претходното рочиште ги претстави своите воведни излагања.

Обвинителот Борче Јанев во воведниот говор нагласи дека истрагата и доказите имаат за цел да утврдат конкретна одговорност – кој дозволил, кој молчел и кој не реагирал за да ја спречи трагедијата. Тој истакна дека барањето правда не е мотивирано од одмазда, туку од потребата да се утврди незаконитост што траела со години.

Тој најави дека доказите ќе покажат оти „Пулс“ со години функционирал спротивно на безбедносните стандарди – без противпожарен систем, со лесно запаливи материјали, без доволни излези за евакуација и со дозволен надминат број посетители. Според обвинението, опасноста била видлива, а службените лица имале обврска да реагираат, но тоа не го направиле.

На почетокот на рочиштето Основниот кривичен суд Скопје одлучи предметот да се спои со постапката против сопственикот на дискотеката.

Трагедијата од 16 март 2025 година, според обвинителството, е последица од систематска негрижа: дискотеката работела без минимални технички услови, имало само еден излез, а внатрешноста била исполнета со токсични и лесно запаливи материјали. Во критичната вечер бил дозволен неконтролиран влез на над 600 гости, меѓу кои и малолетници по полноќ.

Настапот на групата „ДНК“ бил договорен со употреба на пиротехнички ефекти, а плафонскиот сунѓер, при горење, ослободил смртоносни гасови што придонеле за брзо ширење на пламенот и висок број жртви.

Рочиштето се одржа под засилени безбедносни мерки, а во судницата присуствуваа обвинетите, роднини на жртвите, претставници на обвинителството и одбраната, како и домашни и странски новинари.

На обвинителна клупа седнаа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Паралелно со главната постапка, во тек е и истрага против неколку полициски службеници осомничени дека со години давале лажни уверувања и овозможувале дискотеката да работи без исполнети безбедносни услови. Дел од нив се во притвор, а други под мерки на претпазливост.

Минатата недела Обвинителството соопшти дека е поведена и постапка против вработени во УЈП, осомничени за мито и злоупотреби поврзани со овој случај.

Според последните информации од Министерството за здравство, состојбата на повредените кои преживеаја во пожарот е стабилна. Од 20-те најтешко повредени, 10 остануваат во потешка, но контролирана состојба.