По подолга пауза синоќа продолжиле билатералните средби на белгискиот експерт Питер Ванхоуте со претставниците на четирите политички партии за спроведување на договорот од Пржино. Вчера Ванхоуте предложил нов предлог-закон за надлежностите на министрите и на заменик-министрите во новата преодна влада. Нема информации на исходот од вчерашните билатерални средби и дали денеска е можна лидерска средба.
Една од темите на кои заглавија преговорите на претставниците на четирите политички партии за спроведување на договорот од Пржино, е надлежностите на двајцата нови министри (МВР и Министерство за труд и социјална политика) и заменици на министри кои сè уште не се избрани.
Новиот предлог на посредникот Хоуте попрецизно ги дефинира надлежностите на новиот министер за внатрешни работи, кој требаше да биде избран по предлог на СДСМ до 20 октомври.
