Продолжуваат работите на кичевското Кале – Археологот Салију: Оваа реконструкција ги оштетува археолошките траги на Калето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со отпад насекаде, без јавно осветлување и без грижа.

Општина Кичево изработи проект за реконструкција на Кичевското кале и истиот се реализира. Со овој проект улиците се поплочени со бекатон, поставена е спортска опрема, се гради еден објект кој што е наречен Летна сцена и објект за одржување разни конференции.

Градоначалникот на Кичево вели дека постепено му се враќа убавината на калето.

„Кичевското кале некогаш беше убаво место за сите граѓани на Кичево и не само тоа туку и за посетителите и оттаму се роди идејата да му ја вратиме убавината и сјајот на калето и изработивме проект кој за среќа успеавме да го реализираме, се надевам во предвидениот рок овој проект ќе заживее“, истакна Фатмир Дехари.

Но со овој проект не се согласуваат археолозите и историчарите. За работите на Кичевското кале неколку пати реагираше и Леонора Салију која вели дека со овој проект Кичевското кале ја губи автентичноста и својот идентитет. Таа вели дека со инвестирањето во калето се уништуваат археолошки траги кои се особено важни за овој град.

„Што се однесува до Кичевското кале, работата е за жалење. Културен споменик, со историски и археолошки вредности кое сега се претвора во експериментално место, со детски игралишта, сцени за манифестации, опрема за физички вежби, шеталишта а меѓу сето тоа и тие малку археолошки урнатини кои се нарекуваат Кале. Пред неколку години на калето е извршена археолошка проспекција од професорот Виктор Лилчиќ и најдени се артефакти од различни периоди: илирски, романски, византиски, кои сведочат за долговечноста на ова место од антиката до денес. Исто така пред 3 години извршени се и неколку сонди на калето при што излегоа на виделина неколку ѕидови од византиски период од 11 до 15 век. Но денес и тие малку пронајдоци не се конзервирани ниту заштитени. Работите на Калето се вршат без надзор од надлежно лице за заштита на спомениците и археолошкото богатство и цела вредност се уништува“, посочи Леонора Салију.

Од друга страна на ова кале во 1941 поставена е биста на Ѓерѓ Кастриот Скендербег кој останал до 1948, кога како што вели историчарот Илми Велиу, бистата е отстранета кога претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито и на Албанија, Енвер Хоџа ги нарушиле меѓусебните односи.

„Оваа биста на ова кале стоела до 1948. Односите Албанија – Југославија, односите Енвер Хоџа и Тито било добри на почеток и заедно војувале, дури имало план Албанија да и се приклучи како седма република на Југославија, меѓутоа односите се расипале и потоа по нарушување на односите во 1948 било наредено и отстранување на бистата на Скендербег од Кичевското кале“, додава Иљми Велиу.

Дехари од друга страна не ја исклучува можноста за враќање на бистата откако ќе завршат започнатите работи на калето.

„Јас мислам дека по завршувањето на овој проект од аспект на инфраструктурата да следат и други дополнителни вредности како што е бистата на Ѓерѓ Кастриот Скендербег но сигурно ои други ликови во иднина“, вели Фатмир Дехари.

Дехари вели дека на почеток на 2021 проектот за реконструкција на Кичевското кале ќе биде завршен и ова кале ќе биде со целосно нов изглед.