Владејачката либерално-конзервативна Партија за акција и солидарност (ПАС) го одбрани мнозинството на парламентарните избори во Молдавија. Според конечните резултати на изборната комисија, по преброени над 99,5 отсто од гласовите, ПАС освои 50,03 проценти.
На второ место се најде прорускиот Патриотски блок со 24,3 проценти од гласовите. Влез во парламентот обезбедија и сојузот Алтернатива (8%), партијата Ностру (6,2%) и ППДА (5,7%), некогаш формирана со цел за обединување со Романија.
Одзивот на изборите изнесуваше околу 52 проценти, што е повеќе во споредба со изборите во 2021 година, кога гласале 48 проценти од избирачите.
Изборниот процес беше проследен со обвинувања од претседателката Маја Санду и Европската комисија за масовни обиди на Русија да влијае врз исходот. Иако ПАС водеше во повеќето анкети, исходот до последен момент се сметаше за неизвесен.
Санду претходно ги опиша изборите како „најважни во историјата на Молдавија“. По гласањето во главниот град Кишињев, таа предупреди дека земјата е во „опасност“ од руско мешање, нагласувајќи:
„Ако молдавците не се доволно мобилизирани и ако руското влијание има значителен ефект врз изборите, Молдавија би можела да го загуби сето постигнато. Тоа би било и сериозен ризик за други земји, како Украина.“