И Студентското собрание на Универзитетот „Мајка Тереза“ поднесе ново барање до Министерството за правда, преку кое бара на студентите Албанци да им се овозможи професионалните испити да ги полагаат и на албански јазик. Претседателот на Студентското собрание, Бесар Сејди, рече дека кога бил сменет министерот, очекувале тој да ги повика на средба, но досега не добиле никаков одговор, туку само молк.
„Две и пол години, десетици барања, два организирани протести, смена на министри и повторно денес се наоѓаме во истата ситуација пред Министерството за правда. Го упатуваме истото барање, да се спроведуваат Уставот и законот и на албанските студенти да им се овозможи правосудниот испит да се полага и на албански јазик. Од министерот го бараме истото барање што го имаме овие две и пол години – да го спроведува Уставот, да го спроведува Законот за употреба на јазиците“, вели Бесар Сејди.
Студентот на Правниот факултет, Јон Селими, рече дека не ја исклучуваат можноста повторно да излезат на протест.
„Не е чудно повторно да организираме протест. Еден министер сменивме, немаме проблем да го смениме и другиот. Најпрво ќе почекаме одговор, да видиме какви чекори ќе преземат, а потоа ќе видиме. Можеби ќе се организираме и повторно ќе направиме протести“, вели Јон Селими.
На 7 август, и еден од иницијаторите на процесот, Мевлан Адеми, заедно со претседателот на Студентскиот парламент на Универзитетот на ЈИЕ, Бесјан Реџепи, повторно го поднесоа барањето професионалните испити студентите Албанци да можат да ги полагаат и на својот мајчин јазик. Како што рекоа, „студентите Албанци не треба да бидат дискриминирани, туку треба да имаат еднакви можности за образование, за сертифицирање и за вршење на својата професија во својата земја“.
За овие повторно поднесени барања од страна на студентите, ТВ21 се обиде да добие став од министерот за правда, Јетон Шасивари, но без успех.
