Според Ив Коен, шеф на одделот за реанимација на повеќе болници во парискиот регион, првите траги од Ковид-19 во Франција се појавуваат на 27 декември 2019, јави дописникот на МИА.
Тој откри дека трагите од коронавирусот се појавуваат на 27 декември 2019, односно еден месец пред официјално да биде потврден случај на заболен со Ковид-19 во Кина.
Ив Коен објасни дека тој со неговите екипи, повторно ги проучил ПЦР тестовите направени меѓу декември 2019 и јануари 2020 врз педесетина пациенти кои имале пневмонија. Еден од нив, 50-годишен маж, се покажал позитивен на Ковид-19.
– Ги преиспитавме сите ПЦР тестови на пациентите кои имаа пневмонија во декември и јануари чии резултати беа негативни. Овие тестови не беа направени за Ковид-19, туку за грипот и други коронавируси. Од 24 пациенти ние имаме еден позитивен на Ковид-19, на 27 декември, кога беше хоспитилизиран кај нас, објасни Ив Коен, додавајќи дека биле направени повеќе тестови и сите се покажале позитивни.
За да дојде до изворот на првата зараза, професорот нагласи дека тој спровел истрага и го повикал пациентот, кај кого бил откриен вирусот. Тој бил болен 15 денови и заразил две од своите деца, но не и својата сопруга, која работи во супермаркет во делот за риба.
Лекарот понатаму се интересирал дали сопругата на заболениот продавала риби или морски прозиводи со потекло од Кина, таа одговорила негативно, но работела во близина на одделот каде се продаваат азиски производи. Неговата истрага за пациентот завршила тука, но смета дека жената најверојатно била асимптоматична.
Во Франција првиот пациент официјално заболен од Ковид-19 беше дијагностициран на 24 јануари во Бордо.
