Наместо да ги задржи за себе, 18-годишен делчевец одлучил да ги предаде во полиција пронајдените лични документи и голема сума пари. Неговата постапка ја поздрави Министерството за внатрешни работи, оценувајќи ја како позитивен пример за чесност и граѓанска одговорност.
На 24 октомври 2026 година, во 14 часот, младиот жител на Делчево во Полициската станица Делчево предал лична карта, патна исправа и парични средства во износ од 114.000 денари и околу 2.000 евра.
Документите и парите ги пронашол на булеварот „Македонија“ во Делчево, по што решил да ги однесе во полиција за да му бидат вратени на сопственикот.
Од МВР ја поздравија неговата постапка, посочувајќи дека таа претставува пример за чесност, совесност и развиена граѓанска одговорност, особено кај младите.
Оттаму нагласуваат дека ваквите постапки заслужуваат јавно признание и се поттик за негување на меѓусебната доверба, одговорното однесување и позитивните општествени вредности.
