Пропадна ли проширувањето на улицата кај „Чаирчанка“? Ганиу ја повикува Арсовска да му ги предаде ингеренциите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, јасно порача дека проширувањето на улицата „Цветан Димов“, позната како Чаирчанка, нема да се изврши. За градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, ова е тотална дискриминација на општината, бидејќи посочува дека Арсовска изгубила судски спор и според него морала да плати неколку милиони евра на фирмата што го добила судскиот процес, па го блокирала овој проект.

-Тогаш стигнавме до фазата да го избереме операторот кој ќе ја направи експропријацијата на објектите што се на таа линија и тоа значи дека ќе пречат и ќе почнеме со експропријација на тие проекти и веднаш г-ѓа Арсовска и Град Скопје го блокираа овој проект со образложение дека Град Скопје изгубил судски спор и морал да плати неколку милиони евра на фирмата што го добила судскиот спор, а се оправдува според еден алгоритам што Министерството за финансии го избира каде и на која позиција да се земат средствата, но и во двете варијанти се луѓе кои соработувале, така што г-ѓа Арсовска е познато дека тесно соработувала со ДУИ и соработува и денес и е во коалиција, изјави Висар Ганиу, градоначалник на општина Чаир.

Ганиу го повика Град Скопје да ги предаде ингеренциите, за да се реализира проектот Чаирчанка, а потоа повторно да се вратат ингеренциите.

-Го користам вашиот медиум, не со злоупотреба, туку апелирам затоа што булеварот „Цветан Димов“ ни е витален, многу е важен, доцни, нашите граѓани го толкуваат како дискриминација што се прави намерно. Ако има проблем да го реализира, барам да ми ги предаде ингеренциите, ќе издвоиме од буџетот на општина Чаир, ќе ја направиме инвестицијата, ќе го завршиме проектот, откако ќе го завршиме, ќе го вратиме истиот на Град Скопје, вели Висар Ганиу, градоначаник на општина Чаир.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, пред два дена, на прашањето до каде е проектот за проширување на улицата кај Чаирчанка, рече дека средствата биле издвоени на сметката, но поради долг создаден од претходното раководство, сметката на градот бил блокирана, се повлекле од дел од инфраструктурните капитални проекти кои се со големи суми пари, затоа според Арсовска, на оваа сметка нема пари за „Цветан Димов“.