На патиштата низ Македонија се возат претежно стари автомобили, додека просечната старост на авотомобилите се зголемува секоја година. Просечната старост е 20 години, а 170 илјади автомобили се од минатиот век.
Александар Димовски, увозник на половни автомобили, вели дека одамна почнал да увезува автомобили ЕУРО 5 бидејќи Владата ги зголемила трошоците за увоз, а додава дека и за стандардот ЕУРО 5, трошоците се високи.
Димовски додава дека најдобро би било целосно да се забрани увозот на автомобили ЕУРО4 и да се намали данокот за новите автомобили.
Димовски вели дека понекогаш сакаат да увезуваат електрични автомобили, но цените се многу високи, а има недостиг и на потребна инфраструктура, поточно станици за полнење, затоа што само 0,03 отсто во Македонија се електрични автомобили.
Владата лани одобри нова регулатива и методологија за пресметување на даноците за автомобили. Прашавме во Министерството за економија зошто не е забранет увозот на автомобили ЕУРО4?
„Во овој момент во Министерството за економија не се размислува за измена на правилниците со кои ќе се изврши забрана на увоз на возила со ниво на емисија на издувни гасови под ЕУРО 5 стандард. Одлуката за промена (зголемување) на нивото на емисија на издувни гасови за возилата кои се увезуваат, најчесто доаѓа од Владата, а Министерството за екомомија ја спроведува со измена на правилниците. Кога Владата ќе расправа за донесување на одлука за заострување на критериумите за увоз на половни возила, во моментов, Министерството за економија нема информација“, велат од Министерството за економија.
Според статистиките на Царинската управа, само во 2023 година се увезени вкупно 47.050 автомобили, од кои 33.213 се половни, а 9.999 нови. Неконтролираниот раст на половни автомобили на локалниот пазар предизвикува проблеми не само во однос на безбедноста и загадувањето на воздухот, туку и во недостигот на паркинг места во урбаните средини.
