Проширување или тунел? – Кандидатите за Чаир со различни идеи за решавање на хаосот кај „Чаирчанија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Булеварот „Цветан Димов“, познат и како улицата Чаирчанија, останува „слепо црево“ не само за Чаир, туку и пошироко, поради густиот сообраќај што се создава таму. Двајцата кандидати за градоначалник на оваа општина го имаат овој проблем во своите програми, но нивните идеи се различни.

Изет Меџити од ВЛЕН предвидува проширување на булеварот со 6 ленти од крстосницата кај судовите до излезот на обиколницата кај Бутел. Во својата програма ветува отстранување на терасите на дуќаните како нелегални градби и сите тезги што ги зафаќаат тротоарите за да се овозможи проширувањето на булеварот.

„Постои студија, имало и разговори со граѓаните овде! Нема да се руши ниту една куќа, ќе се отстранат неколку тераси за кои и кога ги градиле знаеле дека ќе дојде денот кога ќе треба да се прошири овој булевар. Како што гледате, тоа се тераси што со добра волја ќе се отстранат. Но и за тоа ќе бидат обештетени – околу 3 милиони евра се предвидени за процесот на експропријација. Ниту еден граѓанин нема да остане оштетен и необештетен.“, порача Изет Меџити.

Од другата страна, кандидатот на НАИ за оваа општина, Бујар Османи, предвидува подземен премин преку тунел целосно под булеварот за да се намали сообраќајниот метеж во најгусто населената општина во Европа.

Тој рече дека Чаир се наоѓа пред точка на колапс, презентирајќи ја својата стратегија „Smart Parking“. Османи вели дека проблемот со паркирањето е главната причина за хаосот и секојдневните конфликти меѓу граѓаните.

„На плоштадот Слобода, дел од визијата ‘Чаир 2040’, знаете дека е предвидено улицата Цветан Димов, или познатата Чаирчанија, да стане со подземен премин, а над него да има плоштад. Плоштадот Слобода ќе ги поврзува Гази Баба и Серово и ќе биде вториот плоштад по ‘Скендербег’. Во овој проект, според архитектонската куќа што го води Мишел Ројкин, се предвидуваат 350 паркинг-места.“, вели Бујар Османи.

Сепак, булеварите на градот се под надлежност на Град Скопје, па затоа и двајцата кандидати на поголемите македонски партии ветуваат решенија.

На идејата за проширување на булеварот „Цветан Димов“ се приклучува и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, според кого веќе три децении овој проект не е реализиран, иако, како што вели, не недостасувале финансиски средства, туку политичка волја.

Неговата противкандидатка од редовите на СДСМ, Каја Шукова, во својата програма има предвидено дополнителна алтернатива според системот БРТ. Шукова изјави дека сообраќајот значително ќе се растовари кога жителите на Бутел и околните села нема да мораат да минуваат низ Чаирчанија за да стигнат до Центар и обратно.