Протест на ССМ за зголемување на минималната плата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓани и работници денеска излегоа на улица на протест, испраќајќи јасна порака дека нема да отстапат од барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра и раст на сите плати.

Протестот започна пред Собранието, каде претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, најави дека ССМ ќе поднесе законско решение за намалување на функционерските плати и истовремено зголемување на платите на работниците.

Пред Владата, демонстрантите порачаа дека нивниот протест не е политички, туку произлегува од секојдневната мака и празните фрижидери. Истакнаа дека ќе продолжат со протестите сè додека не се исполни нивното основно барање – минимална плата од 600 евра.

„Секој ден ќе бидеме пред Владата додека не ја постигнеме целта – минимална плата од 600 евра и зголемување на сите плати за 6.000 денари“, изјави Иван Пешевски од ССМ.

Тој нагласи дека работниците бараат достоинствено вреднување на трудот, а не милостина, реагирајќи на тврдењата дека не биле доволно продуктивни.

„Додека ние едвај врзуваме крај со крај, тие зборуваат за продуктивност и уживаат во луксуз. Ако треба, ќе блокираме институции и ќе донесеме одлука за генерален штрајк – првпат во историјата на Македонија во приватниот сектор“, порача Пешевски.