Протест пред УЈП во Тетово – лицата кои работеле во Ирак и Авганистан против оданочувањето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Десетици лица кои работеле во земјите од Блискиот Исток протестираа пред Управата за јавни приходи во Тетово, барајќи поништување на одлуката за плаќање данок. Тие тврдат дека престојувале надвор од државата повеќе од шест месеци, што ги ослободува од данок, бидејќи стануваат даночни нерезиденти.

„Многумина од нив престојувале надвор од државата повеќе од 183 дена и според Законот за персонален данок треба да се третираат како даночни нерезиденти. Овој статус не ни се признава од УЈП. Доказите за престој и работа во странство не се земаат предвид од вработените во управата, туку се бара и формализирање на заминувањето од државата, како и документ за платен данок во земји во конфликт, што е невозможно да се обезбеди. Ние не сме против данокот, туку против неправедното и ретроактивно барање. Пет години наназад не е правда – бараме правна сигурност.“

Граѓаните изразија револт кон одлуката на Владата, наведувајќи дека биле принудени да заминат на работа во земји со конфликти поради неможноста да најдат работа во државата.

„Отидовме таму за егзистенција, за да ги издржуваме семејствата. Парите ги потрошивме тука, а даноците ги плаќавме во продавници, за изградба на домови – значи парите повторно се влеале во државата. Државата треба да ни одговори и да нè ослободи од данок.“

„Ова е нелогично. Ние сме оштетени од работата во Ирак и Авганистан. Отидовме таму за да ги подигнеме децата и да преживееме, а сега по десет години ни ги бараат парите што сме ги потрошиле. Бараме од Владата да го промени овој закон, бидејќи е неприфатлив. Ние се обраќаме до Америка за обештетување, затоа што имаме трауми и сме уништени, а овде нè казнуваат“.

Жителите најавија дека ќе продолжат со протестите и упатија повик и до другите градови да им се придружат на оваа иницијатива. Вакви протести во изминатите денови имаше и во Куманово, пред подрачната единица на УЈП.