Протест за повисоки плати во образование и полиција, ако барањата не се исполнат, најавуваат втора „шарена револуција“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повисоки плати. Ова беше причина за денешниот протест на Синдикатот на полицијата и Синдикатот за образование пред Влада. Претседателот на Независниот синдикат за образование, Томислав Гиевски, изјави дека повеќе од една деценија се одбегнува пресметката за платите во секторот образование согласно колективниот договор, со кој, како што вели, платата на еден наставник треба да биде над 40 илјади денари.

Орце Коцевски, претседател на Синдикатот на полицијата, вели дека месечните примања од 400 евра за еден полицаец се мизерни имајќи го предвид ризикот кој го носи неговата работа.

Ако нивните барања не наидат на слух и не се преземат конкретни мерки, претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев, најави дека ќе поднесат и пријава против надлежните кои, како што вели, законски се обврзани да ја покачат платата.

Синдикалците нема да дозволат за платите да преговара Сојузот на синдикати на Македонија. Според претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации, Марјан Ристески, ССМ е синдикат на Влада.

Демонстрантите сакаа пред владината зграда да постават шатори, но не ја добиле дозволата која претходно ја побарале. Најавуваат доколку нивните барања не бидат земени предвид, ќе дојде до втора „Шарена револуција“.