Ваква атмосфера владееше денеска во атарот на селото Боговиње. Градоначалникот на општината, Аљбон Џемаили заедно со жителите на селото Синичане, се обидоа да дојдат до багерот кој го копаше каналот за изградба на водоснабдителен систем во Синичане, но беа спречени од припадниците на специјалната единица ЕБР и Секторот за внатрешни работи на Тетово.
„Органите на редот и полицијата присилно не ми дозволи да отидам до средството за работа кое е таму по наредба на Општинскиот совет. Треба да знаат дека јас сум градоначалник на општината, не сум криминалец и само сакам трајно да им обезбедам вода за пиење“, истакна Аљбон Џемаили.
Мештаните се жалат дека немаат вода за пиење, а полицијата не им дозволува да изградат водоводна мрежа.
Од МВР велат дека со ова прашање е запознаено и Јавното обвинителство, при што понатамошната постапка во врска со истото ќе се води по насоките од обвинителство. Вчера, градоначалникот на о.Боговиње, Аљбон Џемаили, беше повикан во Полициската станица во Тетово. Тој признава дека за овој водоснабдителен систем нема проект, туку само одлука од Општинскиот совет, со која им се овозможува на жителите на Синичане да ја уредат водоводната мрежа.
