Учениците на средните училишта во Тетово маршираа против онлајн наставата. Тие велат дека платформата е неефикасна и нефункционална за повеќето ученици кои немаат услови за интернет и опрема.
Додаваат дека Унијата на учениците Албанци, не ги претставува интересите на сите ученици, бидејќи како што велат, тие не биле консултирани.
„Се собравме сите ученици за да протестираме против онлајн наставата, бидејќи учениците немаат можност да се вклучат онлајн поради тоа што немаат услови, а и тие кои имаат услови имаат проблеми. Јас лично влегов за онлајн настава во Микрософт тајмс и не е ефикасен и не знаат сите ученици. Мислам дека нашиот бојкот ќе биде земен предвид бидејќи го поддржуваат многу ученици и наставата не е ефикасна почнувајќи од гласот до снимките“
„Не е ефикасен бидејќи неколку ученици ни кажаа дека првиот пат кога се вклучиле им стигнала порака дека нивната апликација е привремено блокирана и дека ќе ги известат кога ќе биде повторно активна. Значи и без да се вклучи тој има проблем“
„Се собравме за да протестираме бидејќи Унијата на учениците на средните училишта не ги прифати нашите барања и не не претставува нас како ученици. Затоа излеговме за да го изразиме нашето мислење и да ја бојкотираме онлајн наставата.“
„Бараме физичко присуство во училиштата бидејќи многу локали и објекти функционираат без проблем и ние како ученици на РСМ ги бараме нашите права за да следиме настава бидејќи нашето единствено барање е образованието.“
Сличен протест беше организиран и пред неколку дена, а Унијата на учениците на средните училишта постигна договор со МОН, до крајот на октомври наставата да се одвива онлајн, а потоа ќе се разгледа како ќе се делува. Околу 80% на родителите се за настава со физичко присуство според анкета направена во тетовската гимназија. Сите средни и основни училишта во градот Тетово следат онлајн настава , само дел од училиштата во периферијата следат настава со физичко присуство.
