Протести во Белград – судири со полицијата, се бара ревизија на изборниот процес

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Протести на опозицијата пред Државната изборна комисија.

„Испокрадоа. Вучиќ, испокрадовте. Не еден, туку илјадници и илјадници гласови“, вели Маринка Тепиќ

Дел од присутните се упатија и пред Собранието, оддалечено стотина метри. Бараа да влезат во објектот, бидејќи како што велат, според резултатите таму им е местото.

На почетокот речиси и ништо не најавуваше дека ќе дојде до судир со полицијата на влезната врата.

Но, по обидите започна и каменување на зградата.

На терен излегоа силни полициски единици.

Употребија солзавец и започнаа приведувањата.

За кратко време протестот од пред Собранието беше растеран.

„Насобраните лица повеќе часа ја напаѓаше полициските службеници, гаѓајќи ги со камења, дрвени палки… И целиот тој обид за насилен влез траеше до 21:30. Полицијата три часа ги трпеше нападите, се воздржуваа од интервенција во очекување дека насилството нема да ескалира и дека напаѓачите ќе престанат со напад, повредени се осум полициски службеници“, вели Ивица Ивковиќ.

Се обрати и претседателот на државата.

„Иако сцените се драматични, ние ја сакаме нашата земја, го сакаме нашиот град.  Не сме навикнати некој да ни ги крши прозорците, некој да ни ја руши нашата куќа. Не грижете се! Никаква револуција не е во тек, ништо од тоа нема да им тргне“, вели Александар Вучиќ

Власта демонстрантите ги нарече насилници, а поттикнати од западни служби. Истовремено се заблагодарија на Русија која наводно ги предупредила за протестите. Студентите денеска со часови го блокираа градот, истакнувајќи парола „Гладни сме за демократија“.