Протестите продолжија во Кичево – средношколците бараат настава со физичко присуство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Учениците од гимназијата „Дрита“ во Кичево втор ден на протест. Маршот започна од центарот на градот, а заврши пред општинската зграда. Бараат наставата да се одржува со физичко присуство, а не во онлајн формат.

„Ние и понатаму сметаме дека треба да бидеме на училиште, да почнеме со настава со физичко присуство. Како што реков и вчера, воопшто не е ефективна онлајн наставата. Се обидовме, но нема никаков ефект, поради тоа ќе продолжиме да протестираме“, вели ученичка.

„Ќе продолжиме да ги бараме нашите права. Мислам дека онлајн наставата не е ефективна, како што рече и градоначалникот, и ученичката пред мене. Ќе продолжиме преку протест да бараме поддршка од сите ученици без оглед на етничката припадност, расата или родот“, посочува ученик.

Пред општината, учениците ги пречека градоначалникот, Фатмир Дехари. Тој рече дека уште од првиот ден донел одлука да ги поддржи учениците и родителите за настава со физичко присуство, но само запазувајќи ги предвидените протоколи.

„Сега излегов за да ги слушнам уште еднаш учениците и нивните барања. Истовремено разменивме мислења, потпирајќи се на аргументите на Средното училиште „Дрита“, во овој случај и „Мирко Милески“, доколку учениците и родителите пројават интерес да продолжат да настојуваат на нашите барања, да ги достават сите аргументи до МОН и Комисијата за заразни болести дека може првата и четвртата година наставно-образовниот процес да го следат комбинирано во две смени“, вели Фатмир Дехари.  

Протестот на учениците од гимназијата „Дрита“ ќе продолжи, како што рекоа учениците, сѐ додека не се исполнат нивните барања.