Најавата за поскапување на струјата за 7.4% предизвика низа реакции. На социјалните мрежи за в четврток се најавени протести во Скопје, Тетово и Гостивар. Протестот во Скопје ќе започне од паркот во Чаир, во Тетово од Плоштадот „Илирија“, а за во Гостивар сѐ уште не е одредена локацијата. Аријанит Џафери од Иницијативниот одбор во Тетово, вели дека протести се најавени и за во Куманово, Кичево и Дебар
„За да реагираме против монополот на услугите на компаниите како што е ЕВН. Граѓаните веќе подолго време се жалат на некоректно однесување од овие компании, за долгото чекање на сонце за да ја платат сметката или пак за „напумпаните“ сметки. Трето – ќе бараме распуштање на Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи оваа комисија не работи за интересот на граѓаните, туку ги штити интересите и профитот на енергетските бизниси и корпорации. Четврто -ова се прави за да се формира независно тело кое ќе биде во служба на граѓаните за да се потврди квалитетот на услугите кои им ги даваат овие компании на потрошувачите“, вели Аријанит Џафери
Протест против поскапување на струјата најавија и Независниот синдикат на градежни работници, инженери и трговци во градежништвото. Од таму ги повикаа сите производствени работници да излезат на протестот кога ќе биде организиран.
Од овој синдикат сметаат дека зголемувањето на цената на електричната енергија е начин за државата да си ги врати назад 500 денари, колку всушност и неодамна беше покачена минималната плата на работниците. Покрај најавите за протест, веќе и онлајн се потпишува петиција за укинување на одлуката, која до пладнево ја потпишаа над 6 илјади граѓани.
Од Владата пак, велат дека нема да се мешаат во одлуката на Регулаторната комисија за енергетика.Во одговор за ТВ21, вчера рекоа дека комисијата е независно регулаторно тело и дека извршната власт не може да навлегува во неговите надлежности. Додаваат дека „ќе го следат влијанието на одлуките на регулаторните тела и ќе разгледаат дали има потреба од соодветни мерки за поддршка на стандардот на граѓаните”.
