Протокол за упис на првачиња – се примаат од 7 до 10 деца дневно на секој половина час

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Училишните дворови оваа година останаа без детскиот џагор при уписот на малите првачиња. Еден ученик со еден родител, на растојание од половина час, според пропишаниот протокол за заштита од Ковид-19 започна уписот на првачињата во основните училишта во земјава. На самиот влез ги пречекаа учителките со заштитни маски кои им вршеа дезинфекција на рацете и нозете. Им се мереше и телесната температура.

Во просторијата каде се врши разговорот може да присуствуваат само членовите на Комисијата за запишување, детето и еден од неговите родители или старатели.

Директорката од основното училиште Димитар Македонски, Јулијана Тодоровска вели дека пријавувањето на првачињата најпрвин се вршела по електронски пат, по што следувал распоред по кој првачињата треба да доаѓаат при запишувањето.

„На влезот на училиштето имаме одговорни наставници кои вршат дезинфекција и водат сметка дали родителите и децата се со заштитна опрема ракавици и маски. Обезбедени се корпи за отпадоци со капак, а обезбедено е и дезинфицирање после секое детенце во растојание од најмалку 20 минути“, истакна Јулијана Тодоровска.

Во основните училишта во земјава од денеска до 30 јуни ќе се запишуваат ученици во прво одделение за учебната 2020/21 година, откако роковите со уредба на Владата беа одложени за еден месец поради заштита од заразата со Ковид-19. Владата во петокот на седница усвои протокол за спроведување на уписот на првачињата со утврдени мерки за заштита на јавното здравје и спречување за ширење на коронавирусот.

На влезот од училиштата задолжително треба да има средство за дезинфекција на обувките и рацете, како и поставени едукативно-информативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки.