Претседателот на Владата Димитар Ковачевски од рано утрово ја презеде функцијата од сега веќе претходниот премиер. Таму веќе го чекаше Заев, му посака добредојде и успех на целиот владин кабинет.
Осмиот македонски премиер од осамостојувањето, Ковачевски на првиот работен ден ја одржа и првата седница на новата Владата. Ги пречека и првите гости, германската министерка за Европа Ана Лирман, како и американската амбасадорка Кејт Мери Брнз. Претходно Ковачевски беше и кај претседателот на државата Стево Пендаровски за да го претстави новиот владин кабинет. Рече дека очекува да имаат добра соработка со шефот на државата, а како клучни приоритети ги најави енергетската криза, животниот стандард на граѓаните, но и дека ќе се залага за подобрување на соработката со опозицијата.
„Новата Влада јасно ги дефинираше приоритетите за работа. Клучен прв приоритет е справување со енергетската криза во државата, која што е европска енергетска криза и која се чувствува во Република Северна Македонија. Втор приоритет е задржување и подобрување на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите во светло на економската криза која произлегува од енергетската криза.
Нормално дека со господинот Мицкоски ќе воспоставиме комуникација и ќе разговараме за сите теми кои што ќе значат изнаоѓање на решенија кои што ќе бидат во насока на подобрување на состојбите во сите овие области“, рече Ковачевски.
Во однос на тоа зошто нема промени и во редовите на ДУИ и дали се тие незаменливи, Ковачевски рече дека тој не гледал дали некој е од било која политичка партија, туку дали тој е професионален. Вели дека како поранешен зм.министер за финансии имал соработка со кадрите на ДУИ и дека е задоволен.
„Никогаш не сум ги делел луѓето со кои што сум работел на кадри од одредена политичка партија или од одредено време или од одредена провиниенција. Секогаш ги анализирам и ги вреднувам врз основа на нивните професионални перформанси . Со министрите кои што беа дел од претходната влада а кои што се пак дел од оваа Влада, јас имав соработка како заменик министер за финансии“, рече Ковачевски.
Ковачевски како премиер и министрите од новиот владин кабинет беа избрани синоќа пред полноќ на седницата на Собранието по дводневна жестока дебата со 62 пратеник. Опозицијата остро критикуваше и останата на ставот дека таа е нелегитимна, а дека легитимитетот треба да го добие на брзи предвремени избори. Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ и денеска излезе со критики
„Старо-новата Влада од истрошени и компромитирани кадри на чело со пионот Ковачевски немаат никаков легитимитет, капацитет и авторитет да ја води, а уште помалку да ја извади државата од вкупно 4-те прогласени кризни состојби на територија на Македонија, како и од блокадата на нашиот пат кон Европската унија“, рече Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Новата Влада брои 21 член. Прв вицепремиер и натаму останува Артан Груби, на својата позиција вицепремиер за економија и натаму ќе биде Фатмир Битиќи, а на вицепремиерската функција за европски прашања ќе биде Бојан Маричиќ. Вицепремиерската позиција за борба против корупција во овој состав нема а наместо тоа Славица Грковска ќе биде вицепремиер за политики и добро владеење.
