Северна Кореја воведе „локдаун“ низ целата земја откако ги потврди првите случаи на ковид-19 од почетокот на пандемијата.
Инфекциите предизвикани од подваријантата БА.2 на високо преносливиот вид Омикрон беа откриени во главниот град Пјонгјанг на 8 мај, објавија денеска државните медиуми.
Според Корејската централна новинска агенција (KCNA), властите не го прецизирале бројот на случаи, но ја опишаа епидемијата како „тешка ситуација“.
Состанокот на владата со кој претседаваше севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун нареди „најитни“ контролни мерки „за справување со кризата што се наѕира за да се спречи епидемијата“.
Епидемијата предизвикува загриженост за земјата, една од ретките што нема пријавени случаи на инфекција од почетокот на пандемијата.
Превентивната стратегија на Северна Кореја се потпира на целосно затворање на границите од јануари 2020 година. Светската здравствена организација нема податоци за вакцини против Ковид-19 во земја со 25 милиони жители, при што Пјонгјанг постојано одбиваше предлози за снабдување со вакцини од меѓународната заедница.
За време на состанокот, официјалните лица го критикуваа одговорот на Северна Кореја на пандемијата за нејзината „небрежност, опуштеност, неодговорност и неефикасност“.
Сепак, Ким вети дека ќе ја надмине кризата со наредба „сите градови и окрузи низ целата земја темелно да ги затворат своите области… за да го блокираат ширењето на малициозниот вирус беспрекорно и совршено“, објави КЦНА.
Тој им нареди на властите „да ги мобилизираат резервните медицински материјали складирани за вонредни состојби досега“, а истовремено повика на мерки за „минимизирање на непријатностите“ за граѓаните.
