Првите камиони со помош влегоа во Газа после 81 ден блокада

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вкупно 87 камиони со хуманитарна помош влегоа во Појасот Газа, за прв пат по 81 ден целосна блокада наметната од Израел со затворање на граничните премини, објави канцеларијата за медиуми во Газа, пренесува Анадолу.

Исмаил Ал-Тавабтех, директорот на таа канцеларија, за Анадолија изјави дека „досега влегле 87 камиони што превезуваат разни видови помош“.

Според него, помошта била „доделена на меѓународни и локални организации како дел од напорите да се дистрибуира до нашиот палестински народ за барем делумно да се задоволат неговите итни хуманитарни потреби“.

Канцеларијата предупреди дека најмалку 500 камиони дневно со итна хуманитарна, медицинска и прехранбена помош, како и најмалку 50 камиони со гориво, се потребни за минимално функционирање на животот во Газа, со оглед на растечкиот глад предизвикан од повеќе од двомесечната блокада на Израел.

Од 2 март, Израел ги држи граничните премини затворени, спречувајќи влез на хуманитарна помош, туркајќи ја територијата во состојба на глад што веќе одзеде бројни животи.