На оддалечениот шкотски остров Норт Роналдсеј се роди првото бебе по повеќе од три децении. Машко бебе по име Данкан Вајлдер Торштајн Трејл Суарез Форд се роди на 15 септември, потврди неговата мајка Алис Трејл Форд. Ова е прво породување на островот по 34 години, пренесува Си-ен-ен (CNN).
Норт Роналдсеј е најсеверниот остров од архипелагот Оркни, со должина од само пет километри и ширина од три километри. Според податоците на шкотската влада од 2024 година, островот имал 72 жители, иако Трејл Форд вели дека моменталното население изнесува 51 лице.
Алис Трејл Форд, нејзиниот свршеник Хорхе Суарез и остатокот од семејството го поминуваат времето меѓу Костарика и Норт Роналдсеј. Мајката објасни дека првичниот план бил Данкан да се роди во Костарика и тие веќе имале резервирано повратни билети. Плановите се промениле штом пристигнале на шкотскиот остров.
„Веднаш знаев дека ова ќе биде најпосебното и најмагичното раѓање, со сета поддршка што можев да му ја пружам“, рече Трејл Форд. Нејзиното семејство го купило островот во 1727 година, а таа се породила во „Холанд Хаус“ (Holland House), дом изграден од нејзините предци.
„Мојата поврзаност со островот ме враќа овде секоја година. Доаѓам редовно уште од бебешка возраст“, рече таа. „Чувствувам дека овој остров одигра улога во моето растење и затоа чувствувам толку силна припадност кон оваа енергија – особено во мојот семеен дом.“
Раѓањето предизвика големо возбудување меѓу жителите. „Сите се многу возбудени“, потврди Трејл Форд. Таа им делеше мали шишенца виски на жителите на островот, украсени со детелини со четири листа и школки – локално познати како „гроати бакис“ (groatie buckies) – за кои се верува дека носат среќа. „Тие ми се како пошироко семејство. Чувствувам како да сме едно големо островско семејство, како далечни роднини“, додаде таа.
Трејл Форд смета дека причината поради која толку долго време не се родило дете на островот е недостатокот на здравствени установи. На Норт Роналдсеј нема лекар ниту болница, а за здравјето на жителите се грижи само една медицинска сестра. „Мислам дека луѓето можеби стравуваат од тоа што би можело да тргне наопаку за време на породувањето. Затоа се чувствуваат побезбедно во болница, каде што е достапна сета неопходна помош во случај на компликации“, рече таа.
Таа објасни дека патувањето со брод до главниот остров на Оркниските Острови трае околу два часа и 40 минути. „Во итни случаи, доаѓа хеликоптер на крајбрежната стража за да ве преземе. Ако здравствената состојба ви го дозволува тоа, мора да патувате до Кирквол на главниот остров“, заклучи таа.
