„Публиката е гладна и жедна за уметност“ – културните институции без работи и во неизвесност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Четири месеци во неизвесност и без работа на културните институции. Без многу неодговорени прашања и никакви пропишани мерки и протоколи, културата и културните работници остануваат со третман кој е на последната скала на приоритети дејности. За режисерката Нела Витошевиќ, ваквиот однос е крајно нефер, бидејќи како што вели, и тие како и сите останати, поминале во изолација и неактивности, во чекање и барање на некаков исход кој заслужуваат да го добијат во било каква форма.

„Во ваква ситуација кога знаеме дека кафулињата се отворени, дека кладилниците и казината работат, дека теретаните функционираат, тогаш не гледам причина и ние да не работиме. Ако има здравствени препораки и протоколи изготвено за сите, тогаш треба да има изготвено и за културните институции. Доколку надлежните се справуваат со проблемот да не знаат како да се одвиваат културни настани, мислам дека не е страмота да се праша и да се соберат разни идеи од професионалци од културата кои секојдневно се занимаваат со овој проблем и во моментов ја промислуваат иднината секој во својата културна област“, изјави Нела Витошевиќ – режисер.

Витошевиќ смета дека голем дела од театарските институции останаа неми во оваа пандемиско време и не успееја да смислат никакви експериментални театарски содржини како што е случај во сите светски реномирани театри.

„Ова е поразителна ситуација, затоа што според мене уметноста треба да има одговор за новата реалност и никако да остане нем посматрач на ситуацијата. Затоа што на крајот од денот, постпандемскиот театар ќе произлезе како одговор и на овие општествени процеси сега но и на експериментите во уметноста што би требало да се случуваат во овие новонастанати околности. Јас верувам дека на никој не му е лесно да се справува со ова, но мислам дека сите ние како професионалци во театарот, требаше да покажеме многу поголема иницијатива и да се ангажираме во тоа да спроведеме и направиме некакви содржини“, додава Витошевиќ.

Со новото нормално кое беше предизвик за истражување и потрага по нови форми, режисерката Витошевиќ пред околу две недели го промовираше својот голем театарски подвиг. Станува збор за театарска претстава која учесниците целосно ја подготвиле во услови на изолација, секој од дома, по започнување на полицискиот час. Претставата „Илузии“ е според мотиви од истоимената драма, а екипата од претставата воопшто не се имала сретнато во живо додека траело спремањето. Според Витошевиќ реакциите за претставата биле многу позитивни, што според неа, покажува дека публиката е гладна и жедна за уметност и дека во вакви кризни времиња уметноста е особено важна за да го подигне духот кај луѓето. ТВ 21 побара одговор од надлежните за тоа кога може да се очекува да бидат отворени културните институции, но одговор за тоа не добивме.