Дваесет и петгодишник е застрелан утрово пред терминалот на меѓународниот аеродром О’Хер во американскиот град Чикаго, по расправија меѓу неколку лица, соопшти полицијата.
Тој се здобил со две прострелни рани во долниот дел од телото, се наведува во соопштението на полицијата во Чикаго.
Како што е наведено, тој е префрлен во болница и е во стабилна состојба, пренесува АП.
Пукањето се случило на улицата надвор од Терминалот 2, а извештајот на локалната телевизија покажал скршен прозорец во близина на просторот за земање багаж.
Полицијата одговорила на пријава за конфликт меѓу неколку лица пред Терминал 2 на улицата, се вели во соопштението за медиумите.
Жртвата веднаш била пренесена во Општата болница Лутеран, каде е во стабилна состојба.
Полицијата потврди дека во моментов е сослушан потенцијалниот осомничен за пукањето, но не ги откри можните мотиви или дали инволвираните лица се меѓусебно поврзани.
Сведоците велат дека имало десетици чаури на теренот и дека инспекторите го испитуваат белото БМВ паркирано пред Терминал 1.
Според агенцијата, авиокомпаниите кои користат терминал 2 ги вклучуваат JetBlue, Air Canada и Alaska Airlines.
