Пуштена во употреба пругата, за линија „здравје“ – ножиците на Николоски не му сечеа добро

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски со половина од неговиот кабинет дојде за да направи “сефте“ на новата железница Куманово-Бељаковце.

Од четворицата кои ја сечеа лентата, на министерот Александар Николоски му се паднаа лоши ножици.

Министерот за транспорт рече дека за 2-3 недели ќе биде пуштена линијата од Скопје до Куманово која се очекува да продолжува и во новиот сегмент од коридорот 8.

„Овој проект во целост чини 78 милиони евра, финансии обезбедени од Европска банка за обнова и развој“, рече директорот на ЈП Железници-Инфраструктура, Ивановски.

Вториот сегмент од Бељаковце до Крива Паланка е во изградба, а за последниот сегмент кој стигнува до граничниот премин со Бугарија, тендерската постапка не е се уште започната. Се очекува да се изгради тунел со источниот сосед.

Првиот вицепремиер Изет Меџити рече дека поврзувањето со соседните држави го интензивира превозот на стоки и услуги како и побрзо движење на граѓаните.

„Е во интерес на граѓаните, е во интерес на слободното движење, нова алтернатива која им помага и на бизнисите и логистиката бидејќи ќе им помогне и на граѓаните во иднина“, вели Изет Меџити.

Премиерот Христијан Мицкоски откако проба од колачот, како што е традиција, рече дека беа потребни 28 години за да се изгради овој сегмент. Според него, новите врски на Коридорот 8 и 10Д се многу важни не само за ЕУ, туку и за НАТО, посебно преку коридорот кој ќе го поврзе со Бугарија, Македонија со Албанија и Италија, односно со Јадранско и Црно море.

Реагираа од опозициската СДСМ, од каде велат дека 90% од овој сегмент е изграден за време на владата на социјалдемократите. Додаваат дека „железницата наречена надеж“ почна да се гради во октомври 2022 година.

„СДСМ докажа дека кога се има желба, кога се работи посветено и со правилно менџирање на буџетските финансии и ресурси, секоја цел е остварлива. Пуштањето во употреба на железничката пруга Куманово-Бељаковце иститoчниот дел од Коридорот 8, е уште еден значаен стратешки инфраструктурен проект кој е потврда за правилните политики на СДСМ“, велат од СДСМ.

Во првиот сегмент е опфатена изградбата на 6 станици, 5 моста, 7 надвозници и 11 подвозници и 1 тунел. На железничките станици се инсталирани опрема за сигнализација и телекомуникација во вредност од 10 милиони евра.