Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска се сретна со неговиот руски колега Владимир Путин во Астана, Казахстан во рамките на 24. Самит на шефови на држави за организација на Шангај за соработка (ШСО), јави турската телевизија Си-Ен-Ен-Турк, цитирана од БТА.
За време на средбата меѓу двајцата лидери, на која беа примени новинари, турскиот претседател го покани Путин што поскоро да ја посети Турција.
„Подолго време не можевме да се сретнеме со мојот драг пријател Владимир Путин. Бевме во телефонски контакт. Во исто време нашите министри се во постојан контакт меѓу себе“, рече Ердоган.
“Ќе преземеме сериозни чекори во однос на нуклеарните централи. Преговараме со руската страна за изградба на нуклеарна централа во турскиот округ Синоп (Северна Турција). Мислиме дека можеме да преземеме сериозни чекори во овој поглед. Турскиот министер за Енергија и природни ресурси ги продолжуваат преговорите со неговиот руски колега за ова прашање“, рече шефот на турската држава.
Тој додаде дека односите меѓу турската енергетска компанија БОТАС и руската компанија Газпром продолжуваат многу добро да се развиваат.
Ердоган истакна дека Турција има за цел трговијата со стоки со Русија да достигне 100 милијарди долари.
