Кинескиот претседател Си Џинпинг истакна дека односите меѓу Пекинг и Москва се „односи на добри соседи, пријатели и партнери“, а неговиот руски колега Владимир Путин оцени дека тие се и „фактор на стабилност на меѓународната сцена“.
Путин пристигна рано утрово по кинеско време во Пекинг, каде што беше пречекан од Си Џинпинг со целосни воени почести во седиштето на кинескиот парламент во центарот на градот.
Односите меѓу Кина и Русија не се само во основните интереси на двете земји и два народа, оцени Си Џинпинг и порача дека е подготвен да ги зајакне тие врски, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Путин рече дека односите меѓу двете земји се „фактор на стабилност“ и дека тие „не се опортунистички и не се насочени против никого“, пренесоа руските медиуми.
Путин дојде во Пекинг со надеж дека ќе го убеди својот, како што истакна, „драг пријател“ Си Џинпинг да даде поголема поддршка за руските воени напори во Украина, пишува Франс прес.
Дводневната посета е прва посета на Путин во странство откако тој беше реизбран за претседател во март оваа година и негова втора посета на Кина за нешто повеќе од шест месеци.
Кина е важен извор на економски спас за Русија, која е под силни западни санкции за да ја казни поради воената офанзива против Украина.
Неколку часа пред да замине на патувањето, Путин го поздрави напредокот на руската армија во Украина. Русите тврдат дека зазеле повеќе места во североисточниот регион Харков.
