Патниот правец од Извор до градскиот мост во Дебар е долг околу 19 километри и ги поврзува Дебар и Кичево, а притоа го скратува патот од 86 на 19 километри. Исто така, оваа делница ќе ги заживее и селата од овој крај. Рокот за изградба на патот Дебар-Кичево беше до 2015 година, но градежните активности доцнат.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во мај најави дека за изградбата на овој пат се издвоени 20 милиони евра, но без да даде конкретен рок кога ќе биде завршен.
Се работи речиси три месеци. ТВ21 излезе на терен во Кичево за да види до каде е работата. Таму го сретнавме Александар Здравески, надзорник на градежните активности, кој рече дека успеале да го реализираат само првиот километар од трасата, поради потешкотиите на кои наишле на дел од планината.
На оваа делница работат четири фирми, а компанијата од Кичево треба да реализира само 5 километри од Извор, а останатите 14 ги градат други фирми, кои според информациите работат од другата страна.
ТВ21 дознава дека рокот за изведба на 5 километри од Извор кон Дебар бил 7 месеци, но сега е продолжен поради доцнење во работата во тешките предели.
Од Јавното претпријатие за Државни патишта, за ТВ21 велат дека интензивно се работи на двете страни и дека е реализирано 23% од работата, а рокот за завршување е ноември 2023 година.
-За изградбата на регионалниот пат Р2246, поточно делницата Извор (спој со А2) до Гарски мост (Извор – Гарски мост) ве известуваме дека градежните работи се одвиваат тековно. Инаку, должината на делницата Извор-Гарски мост е 19 км, за што се обезбедени средства од буџетот на ЈП за државни патишта во висина од 23,74 милиони евра. Предвидениот рок за изградба на оваа делница е ноември 2023 година. Во моментов се работи на расчистување на трасата, ископ на земјани работи и изработка на насипи, бетонски работи, пропусти и сл. До овој момент има веќе 23 % на реализација на изведба на градежните работи, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.
Кога станува збор за патната инфраструктура што го поврзува Дебар со другите градови, градоначалникот на оваа општина Хекуран Дука рече дека завршувањето на патниот правец Дебар-Кичево е од големо значење за економскиот развој на градот, како и поврзувањето на Дебар со Коридорот 8, што им овозможува на дебрани да се поврзат со Гостивар, Тетово и Скопје.