Ова е главниот извор на реката Треска во Кичево, кој се наоѓа во селото Извор. Од него истекуваат од 600 до 1.000 литри вода во секунда, а имало периоди кога протокот достигнувал и до 2.000 литри во секунда. Но, тоа било порано, а денес изворот постепено пресушува. Екоактивистите за тоа ги обвинуваат градежните работи што се изведуваат на автопатот Кичево-Охрид – известува репортерката на ТВ21, Салије Садику.
Од Крушина до Ботун, сите извори кои се влеваат во реката Треска се оштетени како последица на работите на автопатот, каде што се изведувале и најголемите ископи, а биле изградени и мостови и тунели, објаснува екоактивистот Миле Алексовски.
Биодиверзитетот е под сериозна закана, затоа што е направен класичен екоцид врз реката Треска, вели екоактивистот.
Тој смета дека државата треба да формира работна група составена од експерти од областа, која ќе ја утврди фактичката состојба и ќе подготви план за техничка санација со цел да се обноват изворите на реката Треска.
