Работнички се раздели со Гоце Седлоски, екипата ќе ја води Горан Станиќ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Гоце Седлоски не е повеќе тренер на Работнички. По поразот од АП Брера во 25. коло во ПМФЛ, „романтичарите“ се решија на тренерска смена, втора во оваа сезона, откако претходно Седлоски дојде на местото на Милан Илиевски.

„ФК Работнички спогодбено се раздели со досегашниот шеф на стручниот штаб, Гоце Седлоски. Со него заминуваат и неговите соработници, Тони Мегленски и Сашко Поповски. Клубот им се заблагодарува за посветеноста и професионалноста и им посакува сѐ најдобро во понатамошните кариери“, стои во соопштението на ФК Работнички.

Екипата во понатамошниот дел од сезоната ќе ја води Горан Станиќ, екс фудбалер на овој клуб, кој има и интернационална играчка кариера откако долги години беше во Шкотска. Станиќ досега беше вклучен во работата на младите категории на „романтичарите“.

„ФК Работнички за нов шеф на стручниот штаб го именуваше Горан Станиќ. Негови асистенти ќе бидат Баже Лазаревски и Бојан Марковски. Тренер на голманите останува Матеј Миленков“, соопштува Работнички.