Румен Радев и Илијана Јотова вечерва со поворка по главната улица во Пловдив ја завршија изборната кампања, јави дописникот на МИА од Софија.
Радев притоа кажа дека ќе ја продолжи борбата за укинување на авторитарниот и олигархиски модел на владеење и искоренување на „власта која го исцрпи републиканскиот ресурс и го одвлече во шкафчиња и вреќи“.
Радев го повтори својот став за Крим, кажувајќи дека е руски, дополнувајќи дека за него нема никаква драма бидејќи прашањето е апсолутно јасно.
-Анексијата на Крим е кршење на меѓународното право, но реалноста во политиката сепак покажува дека Крим е руски, кажа бугарскиот претседател.
Украина, претходно денеска, го повика бугарскиот амбасадор во Киев, барајќи од „бугарскиот претседател да ја поправи изјавата“.
Во Пловдив својата кампања ја заврши и независниот претседателски кандидат Анастас Герџиков, кој повика на надминување на неединството и обединување на Бугарија и продолжување напред.
Герџиков не пропушти да го искористи скандалот со Крим, коментирајќи дека за три часа вчера Бугарија постигнала рекорд со тоа што успеала да се скара со три држави. Тој наведе и некои последици од економската криза во последните седум месеци, во кои преодната влада на Бугарија не се снајде и ништо не е решено.
Во Бугарија во недела ќе се одржи вториот круг од претседателските избори, на кои во првиот круг Радев водеше со 700.000 гласови против неговиот ривал Герџиков.
Во последниве денови, лидерката на Бугарската социјалистичка партија Корнелија Нинова ги затегна односите со претседателот Радев, откако портпаролот на преодната влада на Бугарија Антон Кутев побара нејзина оставка, поради што изјави дека владата се меша во партиските работи, велејќи дека секој бугарски социјалист има глава на рамениците и самиот може да направи избор
