Во емисијата „Бизнис 21“ синоќа на ТВ21 со Горан Рафајловски се отворија повеќе економски теми поврзани со платите на функционерите, корупцијата и управувањето со јавните ресурси.
Рафајловски изјави дека смета оти платите на министрите треба да бидат значително повисоки, со цел, како што рече, да се стави крај на јавните дебати за висината на нивните примања и да се намали просторот за злоупотреби.
„Мора да се сопре со тоа колкави се платите на политичарите. Ако сакате да нема крадење, тогаш треба да се платат. И да има награда ако донесе некоја голема инвестиција и да сработи цел проект, да има награда… Па и милијарда евра да донесе, да му се даде награда. А платите… Е, сега многу ќе ме плукаат, но според мене, не смеат да бидат помали од 10.000 евра“, изјави тој.
На прашање од водителот дали тоа се однесува на сите функционери, Рафајловски појасни дека станува збор за министрите.
Тој додаде и дека, доколку некој функционер е корумпиран или краде, треба да следуваат строги санкции.
„Но, ако краде, ако е коруптивен, тогаш минимум 20 години затвор. Ќе видите дека државата ќе има помал трошок“, додаде Рафајловски.
